Целата ситуација е жалосна со самиот престанок на вршење на дејноста. Ние, како и угостителите и хотелиерите, ставивме клуч на објектите поради тоа што спаѓаме во мерката на Владата која забранува групирање на луѓе на едно место.
Целата индустрија која вклучува теретани, фитнес-центри и во која работат околу 1.500 луѓе е замрзната. Менаџерите останаа без приходи, а многу работници без плати и работни места. Така, оваа индустрија се најде во друштвото на хотелиерите и угостителите и неколку индустрии кои се затворени речиси од првиот ден поради мерките на Владата поврзани со коронавирусот.
Според неофицијалните податоци во Македонија има околу 500 теретани и фитнес-центри. Се проценува дека најмалку три лица работат во еден објект, како приемен и технички персонал, тренери, директори и фитнес инструктори. Лаичката пресметка покажува дека најмалку 1.500 работни места во моментов се неактивни. Клубовите се целосно лишени од заработката, а на вработените не може да им се исплати плата.